ПЛАТФОРМАТА ВИРТУЕЛНА БЕРЗА ЗА ПОГОЛЕМА ФИНАНСИСКА ПИСМЕНОСТ

Македонска берза АД Скопје оваа година се приклучи кон глобалната иницијатива „Да заѕвониме за финансиска писменост“ (Ring the Bell for Financial Literacy) на Светската федерација на берзи (World Federation of Exchanges – WFE) како поддршка на глобалната кампања „Светска недела на инвеститорот“ (World Investor Week – WIW) во организација на Меѓународната организација на комисиите за хартии од вредност (International Organization of Securities Commissions – IOSCO).

По овој повод, ѕвоното на Македонска берза го заѕвонија Мила Царовска, Министерка за образование и наука, Нора Алити, Претседателка на Комисијата за хартии од вредност и Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза. Во рамките на овој настан беше најавено и воведување на наставен предмет за принципите на функционирање на пазарот на капитал што во иднина би се изучувал во дел од средните училишта.

Во продолжение обраќањето на Главниот извршен директор на Берзата по повод овој настан.

Повеќе од јасно е дека економските и финансиските навики на луѓето директно го определуваат нивниот животен стандард и квалитет на живеење. Оттука, постои глобален консензус дека сите општествени чинители мора да ги зголемат напорите и да издвојат повеќе ресурси за подобрување на финансиската едукација и писменост. Сепак, општествените приоритети се често фокусирани на други области, а активностите за финансиска едукација на населението не се систематски и континуирани.

Истражувањата во светот покажуваат дека постојат и емоционални и рационални пречки за поголемо учество на пошироката јавност на пазарите на капитал. Најнагласена емоционална бариера е чувството на страв и неизвесност, а најдоминантна рационална пречка е перцепцијата дека е потребно определено елементарно знаење како минимален предуслов за каква било инвестиција на берза.

Паралелно со ваквата реалност, сведоци сме на тренд на демократизација на финансиите и перманентно зголемување на директното учество на населението на пазарите, без ангажирање на специјализирани посредници. Последователно, финансиската писменост за берзите станува се побитна со оглед на поголемото учество на физичките лица во тргувањето со хартии од вредност и сите импликации што произлегуваат од тоа. За берзите ова значи ставање на едукацијата на инвеститорите во центарот на нивниот бизнис модел, како основа за поголем интегритет на пазарот. Живееме во свет во кој т.н. millennials стануваат возрасни, а со тоа и повлијателни и посамоуверени. Интернет алатките за нивно влијание, и помеѓу себе и во пошироката заедница, се социјалните мрежи и бројните твитови, блогови и форуми. Згора на тоа доаѓаат, оn-line платформите за тргување како Robinhood или инфлуенсерските канали како Wall Street Bets на Reddit.  

Кај нас, во Македонија, свесни сме дека нивото на финансиска писменост не е на потребното ниво. На нашите ученици и студенти, а и на поголем дел од возрасните, основните принципи и поими за штедењето и инвестициите, управувањето со личните финансии и здравите финансиски практики не им се многу позната територија. Овие состојби треба да се менуваат, упорно и трпеливо…

Како Македонска берза, од секогаш сме максимално посветени, во рамките на нашите можности, да придонесеме за подобрување на финансиската писменост – со издавање брошури и прирачници, организирање обуки, неброено многу презентации за училиштата и факултетите, поддршка и наградување на истражувачки трудови, организација на работилници, дебати и конференции, изработка на едукативни видеа итн.

Навистина сме многу среќни што важноста на финансиската едукација кај нас сега е и институционално препознаена и што наскоро ќе бидеме една од ретките земји во регионот што на нашите ученици од средните економско-правни  училишта ќе им даде шанса навреме да „влезат“ во оваа сложена проблематика.

Голем аплауз до Министерството за образование и наука што прифати, а на Комисијата за хартии од вредност што иницираше креирање на изборен наставен предмет за функционирање на пазарот на капитал. Ова се вклопи идеално во долгогодишните заложби на Македонска берза за зголемување на општата финансиска писменост и веднаш се создаде продуктивна симбиоза помеѓу трите институции. Многу сме задоволни што во практичниот дел од наставниот предмет се планира да се користи целосно редизајнираната едукативна платформа „Виртуелна берза“, развиена од наша страна. „Виртуелна берза“ е Интернет игра на знаење преку којашто учесниците стекнуваат први искуства околу вложувањето и тргувањето со хартии од вредност и добиваат поттик да започнат со самостојно подетално истражување на светот на хартиите од вредност.

WordPress Appliance - Powered by TurnKey Linux