IPO И КОТАЦИЈА – ЖЕЛБИ, ОЧЕКУВАЊА И РЕАЛНОСТ

Кон крајот на 2022 година, Македонска берза одржа тркалезна маса со наслов „Излегување на берза – Зошто никој не го крши мразот“, во рамки на која, пред отворањето на дискусија на наведената тема со внимателно одбраните учесници на панелот, беше извршена презентација на резултатите од анкетата за потенцијалот на македонскиот пазар на хартии од вредност (видувања на компаниите за трансформација во АД, IPO и берзанската котација), која за потребите на Берзата, ја спроведе агенцијата Стратум РиД. Иако наведената анкета Берзата ја нарача, пред се’, за сопствени потреби во насока на увид во моменталните состојби кај малите и средни компании, сепак беше одлучено резултатите од истата да и’ бидат презентирани на пошироката јавност, пред се’ од причина што се сметаше дека таквите збирни податоци покажуваат слика која може да е од голема важност особено за експертите од областа на пазарот на хартии од вредност и можат да покажат интересни податоци и показатели кои можат да им бидат од значење на повеќе чинители на пазарот.

Издавањето на нови хартии од вредност, било како иницијална јавна понуда или само јавна понуда (IPO или PO), а потоа и нивната котација на берза, е од големо значење за секој пазар на хартии од вредност. Ова пред се’ од причина што новите емисии, освен што се показател за развојот на одреден пазар, ја зголемуваат понудата на пазарот, даваат поширока лепеза на инструменти за инвестирање, го зајакнуваат моментот дека компаниите размислуваат за пазарот на капитал како еден од начините на финансирање (покрај сопствените средства и кредитирањето), овозможуваат дел од приватните компании да размислуваат капитално и информациски да се отворат за јавноста преку трансформација во акционерско друштво, но истовремено го зголемуваат и интересот на инвеститорите да ја гледаат берзата како едно од местата за вложување итн. Од наведеното е видливо големото значење на издавањето на нови емисии на хартии од вредност и зошто истото е постојана тема на пазарите на хартии од вредност, особено на малите берзи од регионот на Југоисточна Европа во изминатите децении, кадешто состојбите во овој поглед се идентични како во Македонија, односно има малку или воопшто нема IPO-а.

ЗОШТО Е ТОА ТАКА?

Причините, секако, се покомплексни, но со оглед на регионалноста на состојбите истите пред се’ произлегуваат од историски околности и развиеноста на пазарите. Оттаму и покрај обидите на регионалните берзи на разни начини да придонесат до развојот на примарниот пазар на хартии од вредност, отсуствува интересот на компаниите, кои сеуште ги преферираат другите начини на финансирање. Ова секако има врска и со системот на добро капитализирани класични банки, кои во секој момент се подготвени да ја финансираат секоја успешна компанија, а и недоволната развиеност на инвестициското банкарство кое би понудило побрзо и поефтино финансирање преку издавање на хартии од вредност. Секако, берзите постојано се трудат да бидат присутни и во секој момент да бидат подготвени да излезат во пресрет на компанија која би искажала интерес за емисија на хартии од вредност.

Од тие причини, Македонска берза во изминатите години, меѓу другото, постојано работеше на подигањето на свеста за можностите кои ги нуди финансирањето преку издавање на хартии од вредност и создаваше предуслови за што поедноставно извршување на истите. При тоа, во различни периоди, беа реализирани повеќе проекти од кои би ги навеле следните:

-Согласно податоците од Централниот регистар беа избрани 100 најсилни компании според промет и остварена добивка за неколку години и со нив беа реализирани директни состаноци и беа одржани групни работилници на кои се објаснуваа можностите за финансирање преку издавање на хартии од вредност, трансформација во акционерско друштво и котација на берза, како и најдобрите практики на корпоративно управување кај семејните друштва.

-Беше спроведен посебен проект Берзански инкубатор кој обезбедуваше целосно бесплатен стручен и финансиски консалтинг за трансформација на малите и средни компании во акционерски друштва, со целосно намалени трошоци од страна на сите институции на пазарот на хартии од вредност.

-Во посебен проект беа организирани специјални работилници за консултантите кои работат во директен контакт со малите и средни компании, со цел поблиско доближување на оваа проблематика и обид преку нив да се промовираат можностите кои ги нуди пазарот на хартии од вредност и да се допре до сопствениците и менаџментот на компаниите и од таа страна.

При тоа, со цел намалување на трошоците за IPO, во соработка со Комисијата за хартии од вредност во неколку наврати беше овозможено целосно укинување на надоместокот кој го наплаќаат институциите на пазарот на хартии од вредност за иницијални јавни понуди на хартии од вредност. Претходно, Македонска берза воведе посебен пазарен подсегмент „Котација на мали акционерски друштва“, каде што условите кои треба да ги исполни издавачот за котација на овој сегмент се далеку пониски за разлика од котацијата на другите подсегменти, а воедно и обврските за транспарентност беа прилагодени на капацитетите на друштвата. Воедно, Берзата е активно вклучена во проектот поврзан со crowdfunding платформата Funderbeam, која е платформа која е развиена во Естонија за финансирање на стартапи, но и на мали и средни претпријатија, односно подразбира нудење на прецизна структура со можности и за компаниите и за инвеститорите.

За жал, и покрај сите наведени активности изминатите години, не можеме да се пофалиме со успешно изведено IPO со кое некоја мала компанија би се трансформирала во АД и би изразила желба за котација на нејзините хартии од вредност на Берзата.

Овој вовед беше неопходен за да се објаснат причините поради кои Берзата реши да ја направи наведената анкета за потенцијалот на македонскиот пазар на хартии од вредност и за истата да ангажира стручна компанија за вакви активности. Идејата беше да се согледаат моменталните состојби, дали и што е сменето во однос на минатите години кога немаше ефекти од спроведените активности, како и да се увидат причините за тоа, но пред се’ податоците да бидат прибрани не од Берзата туку од независна стручна компанија, за да се добијат што повистински и непристрасни одговори.

За што подобро извршување на анкетата, беше избран репрезентативен примерок од 100 мали и средни компании, соодветно распределени од географски аспект, број на вработени, големина на капитал и правен облик. Прашањата беа поделени во неколку групи, при што може да се каже дека добиените одговори беа интересни и покажаа значителна конзистентност во ставовите.

ТРАНСФОРМАЦИЈА ВО АД И ИЗДАВАЊЕ НА ЕМИСИИ НА ХВ

На прашањето „Дали менаџментот размислувал за трансформација на компанијата во АД?“ над 74% одговориле дека не размислувале, додека околу 26% размислувале за трансформација, додека на прашањето „Дали знаете за предности кои ги носи АД во однос на ДООЕЛ/ДОО?“, околу 58% одговориле дека тоа е можноста за полесно менување на сопственоста во иднина, 42% дека носи можност за нов и дополнителен пристап до капитал, 34% дека овозможува тековно пазарно вреднување на компанијата во иднина итн. Одговорите покажуваат дека постои соодветно познавање на предностите од трансформација во АД, но во овој момент многу мал дел од менаџерите размислуваат во таа насока.

На прашањето Кои се причините поради кои не се одлучиле за трансформација во АД?“ , скоро 77% од испитаниците одговориле дека немале потреба од тоа, околу 55% не сакаат да го менуваат системот на управување, додека 36% не сакаат да дозволат туѓо учество во капиталот на компанијата. При тоа, само 13% одговориле дека се запознаени со предностите кои ги носи трансформацијата, а 42% дека се малку информирани. Овие одговори се прилично конзистентни со досегашните искуства кои ги има Берзата, односно дека сопствениците на малите друштва не сакаат да дозволат туѓ влез во капиталот и начинот на управување и одлучување во акционерско друштво го сметаат за посложен.

На прашањето „Од каде се информирате за финансиски можности за компаниите?“, 46% одговориле дека се информираат преку консултанти, додека 43% преку искуства од блиски, пријатели и роднини. Ова го потврдува искуството дека во Македонија најголем дел од информациите се пренесуваат преку неформални канали, со сите можности за половично и неточно информирање на овој начин. На прашањето „Дали сметате дека доколку би имале повеќе стручни информации, пристап до советување за можностите за финансирање на компаниите преку трансформација во АД би размислиле за трансформација“, над 2/3 од испитаниците одговориле дека не би се одлучиле, што ги потврдува констатациите од претходно дека негативните ставови кон трансформацијата во акционерско друштво во овој момент кај сопствениците и менаџерите на компаниите се доминантни.

Понатаму, одговорите покажуваат дека 99% од друштвата немале извршено емисија на хартии од вредност, при што запознаени се со предностите кои ги нудат емисиите на хартии од вредност, како можноста за прибирање на капитал, зголемување на ликвидноста, потенцијално зголемување на вредноста на друштвото итн. Но, на прашањето дали, познавајќи ги предностите од новите емисии, менаџментот би се решил за таков начин на прибирање на капитал над 2/3 одговориле дека немаат такви размислувања и намери. На прашањето „Дали според вас има ризици од издавањето нови емисии хартии од вредност?“ дури 73% одговориле дека издавањето хартии од вредност има ризици, при што над половина сметаат дека најголем ризик е разводнувањето на сопственоста, а 28% посложениот систем на управување итн. Оттаму, 72% преферираат финансирање со сопствени средства, а 28% користење на банкарски кредити.

КОТАЦИЈА НА БЕРЗА

Во делот од прашањата кои се однесуваат на котација на берза, над 2/3 од испитаниците компаниите не се чувствуваат доволно информирани што е котација, при што најголем дел од нив информациите ги добиваат преку блиски, пријатели и роднини (33%) или од деловни соработници (29%). Над 55% не размислувале и не разговарале воопшто за евентуална котација на нивната компанија, при што како основна причина за тоа ги наведуваат недостатоците од котацијата (64,5%). Над 63% како главна препрека за котацијата го сметаат тоа што во развојната фаза во која се наоѓаат не гледаат предност од котацијата за својата компанија, при што на прашањето дали на евентуална одлука за котација би влијаело доколку добијат стручна помош во текот на целата постапка 52,6% одговориле дека и тогаш со сигурност не би се одлучиле, додека околу 32% дека веројатно не би се одлучиле. Значи, негативниот одговор останува кај околу 85% од испитаниците. Сепак, на прашањето дали би учествувале на информативна работилница на која би ги добиле сите потребни информации за котацијата на берза, 30,6% одговориле дека би учествувале, 34% дека не се сигурни, додека над 35% не би учествувале.

Во однос на начинот на информирање за можностите за финансирање на компаниите, доминираат интернет страниците и консултантите, агрегаторите на вести и пријателите/познаниците.

Последното прашање кое беше поставено во анкетата беше околу имиџот на Македонска берза како институција на пазарот на хартии од вредност, со цел да се види дали и како малите и средни компании ја перцепираат Берзата и дали тоа има удел во нивниот однос кон издавањето на емисии на хартии од вредност и котацијата. Сепак, без разлика што дури 38% сметаат дека се работи за државна институција, Берзата има добар имиџ, со оглед на тоа што најголемиот дел ја перцепираат како професионална, сериозна и транспарентна институција која им помага на домашните компании, има добри односи со другите институции во државата и во странство, што е секако значаен показател за досегашното работење и показател за продолжување во иднина.

ШТО МОЖЕ ДА СЕ ЗАКЛУЧИ?

Од сето горенаведено може да се извлечат повеќе квалитетни, интересни и значајни заклучоци:

-Спроведената анкета ги потврди констатациите од претходните години, дека кај македонските компании кои се организирани како ДОО или ДООЕЛ постои незаинтересираност, а во некои случаи и отпор кон евентуална трансформација во акционерско друштво.

-Главните причини за ваквите состојби стандардно се стравот од разводнување на сопственоста и поделба на моќта на носењето на одлуки во комапнијата, но и зголемените обврски на акционерските друштва, пред се’ барањата за поголема транспарентност и објавување на информации за работењето на компаниите.

-За разлика од порано, менаџментот на компаниите има многу повеќе знаење за пазарот на хартии од вредност, можностите за финансирање преку издавање на емисии на хартии од вредност, трансформација во АД и котација, но анкетата покажува постоење на простор за понатамошна едукација во таа насока.

-Главните канали на информирање во нашето општество традиционално остануваат директните контакти со блиски, роднини и пријатели и размена на искуства, при што стручните консултанти заземаат позначаен дел од каналите преку кои менаџментот се информира за можностите за финансирање.

-Сепак и покрај наведеното поголемо знаење на менаџментот, останува претходно констатираниот отпор кон трансформација во АД и отворање кон јавноста. Ставот е идентичен дури и во ситуација кога би имале можност да имаат целосно покриен консалтинг и целосно покриени трошоци во постапката на издавање на емисии на хартии од вредност и трансформација во АД (нешто што беше констатирано и при проектот „Берзански инкубатор“ кога ниту една мала компанија не покажа интерес при целосно покриени консалтинг и трошоци).

За Берзата е многу важно што сите наведени констатации беа изведени при вршење на целосно независна и стручна анализа на состојбите и можностите на пазарот, извршени на примерок од 100 компании, адекватно структурирани од регионален аспект и од аспект на број на вработени. Воедно, овие констатации покажуваат дека во моментов македонскиот пазар на хартии од вредност од овој аспект е во скоро идентична развојна фаза како и останатите регионални пазари, при што се наметнува заклучокот дека најверојатно и причините за овие состојби се исти, односно транзицијата на општествениот систем и силното класично банкарство сепак наметнува потреба од постепена еволуција на состојбите, при што неминовно во еден момент од развојот ќе се појават првите компании кои ќе го гледаат пазарот на хартии од вредност како можност за финансирање, покрај сопствените средства и банкарските кредити.

Сепак, Македонска берза останува на своите заложби и понатаму да продолжи со промовирање на можностите кои ги нуди пазарот на хартии од вредност и едукација на сите учесници од стопанството, учениците, студентите и пошироката јавност и, секако, да е целосно подготвена да биде на услуга во моментот кога првите компании ќе одлучат да се трансформираат во акционерско друштво преку издавање на хартии од вредност, со што ќе отпочне една нова фаза во развојот.

Автор
Илчо Лазарески

Директор на Сектор за деловни операции
Македонска берза

WordPress Appliance - Powered by TurnKey Linux