ШТО Е ПОДЕЛБА НА АКЦИИ?
Поделба на акции е постапка со која компанијата ги дели своите акции односно, една постоечка акција се заменува со одреден број нови акции. Вообичаено целта на оваа постапка е да се намали цената на една акција и да се зголеми вкупниот износ на достапни акции. Една компанија обично се одлучува за поделба на акции кога цената на нејзините акции е многу висока.
Alphabet, матичната компанија на Google на 1 февруари го објави кварталниот извештај за 2021 година, во кој соопшти дека Одборот на директори одлучил за поделба на акциите во форма на еднократна специјална дивиденда за секоја акција во сооднос 20 спрема 1. Ова се однесува за сите акции од класа А (еден глас за една акција), класа B (10 гласа за 1 акција) и класа C (без право на гласање).
Моменталната вредност на акциите на Google за акциите од класа А (GOOGL) на 04.02.2022 изнесува 2.861,80 долари за акција. Да претпоставиме дека оваа цена ќе се задржи на датумот на поделба на акциите 15 јули 2022, што значи дека по поделбата на акциите цента би изнесувала 143,09 долари за една акција. Акцијата ќе започне со тргување со новата прилагодена цена на 18 јули 2022.
Што значи поделбата на акциите за инвеститорите?
Доколку се добие согласност од акционерите, поделбата на акциите ќе се случи заклучно со 1 јули 2022 година, додека на 15 јули сите акционери ќе добијат дополнително 19 акции за секоја акција која што ја поседуваат.
Дополнително, пониската цена на акции ги прави акциите подостапни за малите инвеститори и остава можност за помалите инвеститори да купат акција, како и да купат поголем број на акции.
Законска регулатива
Во Законот за трговски друштва е регулирано дека едно акционерско друштвото може, со измена на статутот, да изврши поделба на акциите и истовремено да го намали нивниот номинален износ, под услов основната главнина да остане непроменета. Воедно, законот ја предвидува и обратната ситуација на спојување на акциите кога друштвото, повторно преку измена на стаутот, може да изврши спојување на акциите и истовремено да го зголеми нивниот номинален износ, под услов основната главнина да остане непроменета.
Поделба на акции во историјата на Македонска берза
Во историјата на Македонската берза, случаите на поделба на акции се ретки.
Еден пример за поделба на акции е Комерцијална банка АД Скопје, која во март 2005 година, заради усогласување со Законот за трговски друштва, во согласност со Одлуката за измени на Статутот на Банката донесена на Собранието на акционери на 22.03.2005 година изврши поделба на акциите во сооднос 1:5, со што секоја обична акција со номинална вредност од 5.000,00 МКД беше поделена на 5 обични акции со поединечна номинална вредност од 1.000,00 МКД.