ТРКАЛЕЗНА МАСА НА ТЕМА: „БЕРЗИТЕ ВО 2020 ГОДИНА – ОСВРТ НА ЛОКАЛНИОТ И ГЛОБАЛНИТЕ ПАЗАРИ“
На 17 Декември 2020, преку платформата ZOOM, се одржа тркалезна маса на тема „Берзите во 2020 година – Осврт на локалниот и глобалните пазари „ во организација на Македонска берза АД Скопје.
Во продолжение видео од настанот.
Настанот со воведно обраќање го отвори Министерот за финансии на Република Северна Македонија, г-дин Фатмир Бесими, кој, меѓу другото, нагласи дека овој настан се организира во време на подготовка на повеќе законски решенија од областа на пазарот на капитал со цел усогласување со европско законодавство, како и кога во рамките на Советот за развој на пазарот на капитал се планира подготовка на Стратегија за развој на пазарот во која ќе бидат утврдени основните цели и приоритети на пазарот. Воедно, министерот Бесими ги најави и новите емисии на обврзниците за денационализација, односно продолжување на издавање на континуираните државни обврзници идната година.
Главениот извршен директор на Македонска берза, г-дин Иван Штериев, кој беше и модераторот на дебатата, во краток говор и презентација даде осврт на моменталните состојби на македонскиот пазар на хартии од вредност и направи компаративна анализа со одредени регионални и глобални трендови, со што започна работниот дел на Тркалезната маса.
Своите мислења на дебатата ги споделија Емилија Брљамова, Раководител на Службата за услуги со хартии од вредност, НЛБ Банка Скопје, Сашо Арсов, Редовен професор, Економски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, Петар Андреевски, Главен извршен директор, ВФП АД Скопје. Matko Maravic, CEO, InterCapital Securities Ltd, Croatia и Luka Flere, Head of Asset Management, Generali Investments LLC, Slovenia.
Учеството на реномираните домашни и странски експерти овозможи интересна дискусија за случувањата на Македонска берза во 2020 година и тековните карактеристики на локалниот пазар и глобалните финансиски пазари, со акцент на пазарите на акции, во услови на специфичното COVID-19 окружување. Во рамките на дебатата беше дискутирано и за очекувањата, ризиците, потенцијалите и генералните прогнози за идните движења на локалниот и глобалните пазари.
Во рамките на денешниот настан, Македонската берза традиционално ја додели наградата „Кристално ѕвоно“ за најтранспарентни котирани акционерски друштва за минатата година. Беа доделени награди на три друштва од вкупно 100 котирани акционерски друштва на Македонска берза и тоа:
I место – Алкалоид АД Скопје
II место – Комецијална банка АД Скопје
III место – НЛБ Банка АД Скопје
За остварувањата што овластените учесници на македонскиот пазар на хартии од вредност ги имаа од аспект на вкупниот промет и вкупниот број на трансакции реализирани на Берзата во 2019 година беа наградени:
I место – Илирика Инвестментс АД Скопје
II место – Комецијална банка АД Скопје
III место – Еурохаус АД Скопје