ВИДЕО КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА РЕГИОНАЛНИОТ ПРОЕКТ ЗА ИНВЕСТИЦИСКИ АНАЛИЗИ

По повод официјалното започнување на новиот регионален проект за изготвување на инвестициски анализи на котирани компании во регионот на ЈИЕ, поддржан од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), беше одржана видео конференција.

Првите четири извештаи веќе се објавени на специјално креираниот портал Listed SME Research Hub (https://listed-sme.com/en-GB). Проектот ќе трае две години и ќе обезбедува бесплатни инвестициски анализи за сите вклучени компании од страна на консултантската куќа WOOD & Company., при што се планира изготвување на најмалку по пет извештаи по компанија.

На денешниот промотивен настан свое излагање имаа претставници на ЕБОР и директорите на берзите од Словенија, Хрватска, Романија, Србија, Бугарија и Северна Македонија.

Главниот извршен директор на Македонска берза, г-дин Иван Штериев, во своето излагање уште еднаш ја потенцира важноста од потребата за систематска и континуирана инвестициска анализа на македонските котирани друштва, а воедно потенцираше дека берзанскиот промет со трите наши компании вклучени во овој проект оваа година изнесува над 65% од редовното тргување во БЕСТ системот.

Инаку, во проектот учествуваат вкупно 20 компании котирани на 6 берзи и истиот има за цел да ја зголеми јавната достапност на инвестициски анализи за котираните компании и со тоа да ја пополни информациската празнина од овој вид инвестициски алатки. Македонскиот пазар на хартии од вредност, иако најмал во оваа група, доби три места, односно во него се вклучени Алкалоид АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје и НЛБ Банка АД Скопје.

Иницијалните инвестициски анализи за македонските компании се планирани за септември за Алкалоид АД Скопје и Комерцијална банка АД Скопје, односно за декември, за НЛБ Банка АД Скопје.

WordPress Appliance - Powered by TurnKey Linux