ТРКАЛЕЗНА МАСА НА ТЕМА: ИДНАТА УЛОГА НА ПАЗАРИТЕ НА КАПИТАЛ ВО МАЛИ И ОТВОРЕНИ ЕКОНОМИИ
На 02 октомври се одржа тркалезна маса на тема „Идната улога на пазарите на капитал во мали и отворени економии„ во организација на Комисијата за хартии од вредност и Македонска берза АД Скопје.
Настанот се случи во време на подготовка на законски решенија од областа на пазарот на капитал со цел усогласување со европско законодавство, како и во време на иницирани измени на постоечките законски решенија поради позитивни импликации врз амбиентот во кој понатаму ќе функционира македонскиот пазар на хартии од вредност и врз неговиот понатамошен развој.
Настанот со воведно обраќање го отвори Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, г-дин Кочо Анѓушев, кој нагласи дека Берзата во иднина треба да има поголема улога во економското живеење во нашата држава и да се користи како механизам за вбризгување свеж капитал во компаниите.
После воведното обраќање на Вицепремиерот за економски прашања, г-динот Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза, кој беше и модераторот на дебатата, во краток говор и презентација даде осврт на моменталните состојби на македонскиот пазар на хартии од вредност и направи компаративна анализа со одредени регионални и глобални трендови, со што започна работниот дел на Тркалезната маса.
Своите мислења на дебатата ги споделија М-р Нора Алити, Претседател на Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, Глигор Бишев, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на Шпаркасе банка Македонија АД Скопје, Владимир Филиповски, Професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Henning Esskuchen, Head of CEE Equity Research во Erste Group Bank, Ivana Gažić, President of the Management Board, Zagreb Stock Exchange, André Küüsvek, Director for Local Currency and Capital Markets Development, EBRD.
Учеството на реномираните домашни и странски експерти овозможи интересна дискусија за актуелните предизвици со кои се соочува домашниот пазар на хартии од вредност, со нагласка на регулативните и развојните аспекти, а беа елаборирани и перцепциите на странските инвеститори во врска со нашиот регион и идните планови и очекувања на меѓународните финансиски институции и поголемите регионални берзи.