20-ТА ГОДИШНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА БЕРЗАТА
На 29-ти март во Охрид во организација на Македонската берза АД Скопје се одржа јубилејната 20-та Годишна конференција на Берзата. Овој настан на едно место ги обедини претставниците на финансискиот сектор и индустријата на хартии од вредност, котираните компании и другите друштва, државните институции и универзитетите и сите останати субјекти чија дејност е поврзана со работењето или инвестирањето во хартии од вредност.
Конференцијата со воведни обраќања ја отворија Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, Претседателката на Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, Нора Алити и Главниот извршен директор на Македонска берза АД Скопје Иван Штериев.
Работниот дел на овогодинешната конференција започна со презентација на професорот по историја и политика на Југоисточна Европа и директор на Центарот за студии за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, Florian Bieber на тема „Геополитика на Западен Балкан – што да очекуваат инвеститорите?“
На првата панел дискусија „Финансирање на развојот“ своето искуство на оваа тема го споделија Peter Righi, ко-основач и глобален директор на CEED, Дејан Калиников, Извршен директор на СЕАФ Македонија, Ivana Gažić, Претседател на Управата на Загрепската берза и Lars Olofsson, Извршен директор на Prio Startup LTD, Шведска. Во рамките на овој панел се дискутираше зошто македонските компании својот развој главно го финансираат преку банкарски кредити и сопствена акумулација, а не се обидуваат да приберат свеж капитал преку Берзата или преку алтернативни извори на финансирање, кои се предизвиците со кои се соочува компанијата при подготовката на Иницијална јавна понуда и зошто сѐ уште нема IPOs кај нас. Како продолжение на дискусијата, своето искуство од вложувањето во млади компании и растењето на истите го споделија гостите од Америка, Хрватска и Шведска.
По првиот панел, следеа две презентации. Првата од страна на Tomas Carruthers, Главен извршен директор на Project Heather – Scottish Stock Exchange, кој говореше на темата„Зошто ни се потребни локалните берзи?“ и го сподели своето искуство во формирањето на проектот Хедер и лансирањето на берзата во Шкотска.
Втората презентација „Спојувања и преземања кај финансиските институции во регионот на ЈИЕ“ од страна на Jošt Dolničar, Член на Управниот одбор, Сава Реосигурување, кој зборуваше за активностите на планот на спојувања и преземања на групацијата Сава Ре во регионот.
На втората панел дискусија „2019 – Година на обврзници!“ своите ставови ги изложија Владислав Хаџидинев, Главен директор за финансии (CFO),Член на Управниот одбор и Извршен директор на УНИ Банка АД Скопје, Дејан Николовски, Раководител на Одделот за меѓународни финансиски односи и управување со јавен долг во Министерството за финансии на Република Северна Македонија, Петар Трпески, Директор на Одделот за корпоративно управување со клиенти, во Шпаркасе банка Македонија АД Скопје и Jim Turnbull, Associate Director, Debt Capital Markets – Local Currency and Capital Markets Development (LC2), EBRD. Подетално на панелот се дискутираше за котацијата на континуираните државни обврзници на Македонската берза и за издавањето на корпоративните обврзници (една перпетуална и една конвертибилна) какво влијание има тоа врз пазарот на капитал и каква е иднината на овој пазарен сегмент. Воедно, се дискутираше и за стратешката визија и искуство на ЕБРД, во земјите во кои работат, за оваа тема, земајќи ги во предвид нивните активности за развој на иновативни производи, особено инструменти со фиксен приход.
Во рамките на Дваесеттата Годишна конференција на Берзата што се одржа на 29-ти март во Охрид, Македонската берза по дванаесетти пат ја додели наградата „Кристално ѕвоно„ за најтранспарентни котирани акционерски друштва.
Беа доделени награди на три друштва од вкупно 105 котирани акционерски друштва на Македонска берза АД Скопје кои беа оценети како најтранспарентни во 2018 година.
Согласно оценките на Изборната комисија за најтранспарентни котирани друштва на Македонската берза за 2018 година се избраа:
I место – АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ
II место – КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА АД СКОПЈЕ
III место – НЛБ БАНКА АД СКОПЈЕ
Извештајот за изборот на најтранспарентни котирани акционерски друштва на Македонска берза АД Скопје во 2018 година во кој се содржани методологијата на изборот, како и добиените оценки од сите целни групи по категории, можете да го преземете на следниов линк.
За остварувањата коишто овластените учесници на македонскиот пазар на хартии од вредност ги имаа постигнато во вкупниот промет и вкупниот број на трансакции реализирани на Берзата во текот на 2018 година беа наградени:
Комерцијална банка АД Скопје, за освоено прво место
Илирика Инвестментс АД Скопје, за освоено второ место
НЛБ Банка АД Скопје, за освоено трето место
Начинот на рангирање на овие учесници околу овој избор можете да го преземете на следниов линк.
Во рамките на последниот тематски дел од овогодинешната конференција под наслов „Trending…“ свои презентации имаа:
Pawel J. Szaja кој зборуваше на темата „Од другата страна во подготовката на IPO“ и даде осврт на се она што е потребно при процесот на подготовка на иницијална јавна понуда гледано од правен аспект, позитивните и негативните страни и различните практики во земјите.
Следната презентација „Имплементација на MIFID II во малите земји – Lessons learned?“ беше од страна на Damyan Leshev кој зборуваше општо за MIFID II, кои се подготовките при имплементација на оваа регулатива, како се одвивала имплементацијата во Бугарија и кои се придобивките од MIFID II во малите земји.
„Нови технологии на пазарот на капитал“ претстави Elmar Voggenhuber. Ги издвои новините во светот на финансиите и инвестицискиот менаџмент, платформите кои се користат при анализи, бази на податоци и истакна дека се само почеток на сѐ останато што следи и користењето на програмски јазици.
Последната презентација „Вештачка интелигенција – новиот “играч” во светот на бизнисот“ беше од страна на Илијанчо Гаговски. Тој образложи кои се основните концепти на вештачката интелигенција, во кои области се применува и што може да се очекува во иднина, односно како ќе се развива вештачката интелигенција.
Специјален прилог за 20та годишна конференција објавен во неделникот Капитал